Кустоси во музеј во Израел открија три досега непознати скици на италијанскиот сликар со еврејско потекло, Амедео Модиљани, под платното на една од неговите слики.

Незавршените скици на Модиљани биле зад платното на еден од неговите актови во музејот „Хехт“ при Универзитетот во Хаифа. Тие се пронајдени при форензичко испитувење на делото на Модиљани за потребите на претстојната изложба во САД.

Амедео Модиљани (1884 – 1920) се смета за еден од најголемите модернистички сликари на 20. век. Својот краток, но турбулентен, боемски живот го минал во Франција, каде што неговите дела се оценети како контроверзни. Неговата работа се одликува со тенки, издолжени вратови и лица на луѓето, што го претставува влијанието на африканската уметност и уметноста на древната грчка цивилизација.

Модиљани починал на 35-годишна возраст, во сиромаштија.

Една од неговите слики – „Лежечки акт“, е продадена на аукција во 2015 година за повеќе од 170 милиони долари, што ја прави една од најскапите слики некогаш продадени.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2022 11:26