Дебарското Одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против жител на Дебар за узурпација на земјиште во државна сопственост и бесправна градба.

– Кривична пријава е поднесена против Г.Ц.((56) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Тој, кај месноста „Шпилје“ на брегот на Дебарско Езеро, неовластено заземал парцела во државна сопственост со површина од 440 квадратни и без соодветна документација за градба, изградил објект од цврста градба, информира Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Со тоа, додава, тој постапил спротивно на одредбите од Законот за градење и се стекнал со противправна имотна корист во износ од околу 871.992 денари.

Ова не е прв случај на узурпација на земјиште покрај брегот на езерото, кое главно е во државна сопственост, на што во неколку наврати предупредуваа и дел од членовите на Советот на општина Дебар, според кои дел веќе се легализирани.

Земјиште во државна сопственост се узурпира кај градската плажа, месноста Шпилје, како и кај еден од најубавите делови каде има засадени борови дрвја, кои ги уништуваат.

Исто така, се узурпира и земјиште кај месноста Манастирец, попозната како „три чешми“ на патниот правец Дебар-Струга, на брегот на Дебарско Езеро, кое во најголем дел е во сопственост на МПЦ-ОА, односно Бигорскиот манастир.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2022 02:46