Веќе неколку часа гори градската депонија во Дебар, а чадот и тешката смрдеа се протегаат низ град. Во гаснењето на пожарот се вклучени Територијалната противпожарна единица, како и вработените во Јавното комунално претпријатие „Стандард“ со сопствена механизација.

– Околу 16 часот добивме дојава дека има пожар на градската депонија, по што веднаш се упативме. Зафатена е поголема површина. Околу причините не сакам да шпекулирам, рече за МИА, Џетан Мифтароски, командир на дебарската територијална противпожарна единица.

Заедно со вработените на „Стандард“ на самото место е и директорот Бурим Каба, кој изјави дека се сомнева оти станува збор за подметнат пожар.

– Ова е првпат годинава но и неколку месеци пред тоа депонијата да гори. Се сомневаме дека пожарот е подметнат. До 15 часот бев тука на вообичаен секојдневен увид, поради можноста пожар да се појави од високите температури. Со безбедносните камери, но и со голо око не забележавме никаков чад. Наеднаш пожарот избувнал околу 16 часот. Повеќе од сигурен сум дека истиот е подметнат, рече за МИА, директорот Каба.

Градската депонија се наоѓа на излезот од Дебар, на патот кој води кон бањскиот локалитет Бањиште и граничниот премин „Блато“.

Од пред две години на градската депонија поставени се безбедносни камери, оградена е со бетонска ограда а на влезот е поставена рампа, но, како што вели Каба, оној кој „намерил да предизвика зло наоѓа начин како тоа да го направи“



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2022 04:11