Во спроведени полициски контроли на лица, патнички возила и угостителски објекти на подрачјето на Прилеп, вчера едно лице е приведено, а се констатирани повеќе неправилности во угостителски објект.

Патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, Единицата за брзо распоредување, Посебната единица за поддршка, Единицата за интервентна полиција и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп во координација со инспектори од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи за време на контролите во угостителски и хотелски објекти, е утврдено точење на алкохол на малолетни лица, непоседување на документација за работа на еден угостителски објект, во кој се затекнати четири лица како извршуваат работни задачи, а за кои не постои документација дека се вработени.

Од МВР денеска соопштија дека констатираните неправилности ќе бидат соодветно санкционирани.

– При контролите, по преземени дополнителни мерки, лишен од слобода е и Н.Д.(36) од Скопје, кој се сомничи за повеќе извршени кривични дела. За случајот е известен Јавен обвинител, а лицето е приведено во полициска станица за понатамошна постапка, по чие документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, наведуваат од МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/07/2022 11:48