Сите расположливи капацитети и опрема на охридската полиција се ставени за контрола, превенција и заштита на шумите од пожар, но и за нивно локализирање доколку настанат.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, информира дека ќе ги зајакнат мерките од превентивен и репресивен карактер за заштита на шумите, пасиштата и другите отворени простори од пожари, со цел поголема заштита од шумски и други пожари на отворен простор.

– Во соработка со територијалната против-пожарна единица, ЦУК, јавното претпријатие „Национални шуми“, Националните паркови, шумската и граничната полиција, Армијата, органите на локалната самоуправа, Црвениот крст и другите надлежни субјекти и институции, ќе се следи состојбата на подрачјето и ќе се преземаат предвидени мерки за заштита, но и навремено забележување и информирање за настанат пожар до сите останати релевантни субјекти за координирано преземање на натамошни мерки и навремено локализирање, истакна Димоски.

Според него, предвидени се патроли на отворен простор меѓу полициските службеници и шумската полиција, со цел елиминирање на опасноста од предизвикување пожар, како и надзор во претпријатијата што стопанисуваат со шуми, пасишта и на одговорните лица на кои ќе им се укаже за потребата од зајакната контрола на терен за заштита од пожари и примена на законската регулатива.

– Предвидена е интензивна соработка со институциите и на регионално ниво за размена на информации во врска настанати пожари, организирање на дополнителна помош во опрема, техника, сили и средства со цел преземање на заеднички понатамошни мерки, додаде Димоски.

Посебен акцент, како што рече, е ставен на средби со советодавни групи на граѓани и локални совети за превенција, со приоритетна тема превентивно делување за заштита од пожари на отворен простор и практична реализација на концептот „Соработка меѓу полицијата и заедницата” за интензивирање на мерки за превенција и заштита од пожари, јакнење на свеста за заштита од пожари и информирање на населението.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2022 13:58