Пратеничката група на албанската опозициска Демократска партија, предводена од Енкелејд Алибеај, кој застана на чело на партијата по оставката на Љуљзим Баша, побара лустрација во албанската политика.

Тие подготвуваат целосен правен пакет, за новата собраниска сесија во септември, во кој се предлага исклучување од политиката на лица кои биле на партиски функции за време на комунистичкиот режим или биле членови и соработници на поранешната државна тајна служба.

-Исто така, на политичките партии и организации им се забранува да предлагаат кандидати за членови на законодавната и локалната власт, вклучително и функцијата шеф на државата, доколку во текот на својата активност го пропагираат тоталитарниот комунистички режим или ги користат неговите симболи, јави Топ чанел.

Од партијата наведуваат дека лустрацијата треба да биде последниот чин на „одвојување еднаш засекогаш од мрачното минато на комунизмот и еднаш засекогаш да се стави крај на продолжувањето на диктатурата во политиката, владата, правдата и јавниот живот на Албанија“.

-Иницијативата на групата на Алибеај, не само што е на иста линија, туку има иста цел како онаа што ја најави премиерот Еди Рама, кој бара да се интервенира во законот за декриминализација за да се стави крај на политичката кариера на лица кои биле на партиски функции во Партијата на трудот. Иницијативата на владејачкото мнозинство и групата поддржана од Алибеај се чини дека има за цел да влијае не само на Сали Бериша, туку и на политичарот со иницијали И.М.кој во досиејата на поранешната државна безбедност е посочен како соработник, наведува телевизијата.

По објавувањето на веста дека станува збор за доскорешниот албански претседател Илир Мета, кој наводно го кодошел својот најдобар пријател од факултет и оти по падот на комунизмот го сменил презимето од Метај во Мета, тој рече дека познава десетици лица со ист идентитет(Илир Мета) и оти „ова што се прави сега е политичка игра, за да се сврти вниманието од високата корупција и криминал на владата.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2022 11:27