Поранешниот албански претседател и екс-премиер, кој го предводи крилото за обнова на Демократската партија, Сали Бериша изјави дека единствена цел на пошироката опозиција е соборување на владата на Еди Рама.

Тој ја коментираше изјавата на лидерот на Партијата на слободата и поранешен претседател Илир Мета за формирање техничка влада следниот месец.

„Не сме разговарале за техничка влада, но заеднички став е Еди Рама да си замине што поскоро. По заминувањето на оваа влада, најосновна задача е да се подготват слободни и фер избори. Дали ќе се постави техничка влада или ад-хок влада, ќе изберат политичките сили“, рече Бериша.

Изрази подготвеност за формирање коалиција со партијата на Мета за следните локални избори во 2023 година. Прецизираше дека кандидатите на Демократската партија нема да ги избира тој лично, ниту Претседателството на партијата, туку на прелиминарни избори по принципот „еден член – еден глас“.

Мета, претходно најави соборување на Еди Рама од власт и формирање техничка влада во септември годинава, обвинувајќи го за корупција, криминал и депопулација на земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/08/2022 15:55