Во Младинскиот културен центар и во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје од денеска до 1 септември ќе се одржи второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“.

На поетските читања ќе учествуваат дваесетина поети од земјава и од странство, ќе настапат и неколку музичари, ќе се одржи и работилница за креативно пишување поезија за млади, ќе биде отворена и ликовна изложба, а премиерно ќе бидат прикажани и неколку поетски филмови специјално изработени за фестивалот.

Неофицијално, програмата ќе започне со „Отскочна даска“ ‒ настан за млади поети и поетеси од 16 до 25-годишна возраст. Читањето ќе се одржи денеска со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје и на него ќе настапат десетина млади поети и поетеси, а потоа самите учесници со гласање ќе одберат кој од нив ќе чита и на отворањето на фестивалот во официјалната програма.

Вечерва ќе биде отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти од Србија насловена „Сум страдал, ама убаво ми било“, што посетителите ќе можат да ја видат во „Буква“ за времетраењето на фестивалот.

Официјалното отворање на Фестивалот ќе биде утре со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, со настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“.

Фестивалот ќе заврши в четврток во кафе-книжарницата „Буква“, а програмата тој ден ќе започне во 18 часот со работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата, на тема „Урбана поезија.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, од кафе-книжарница „Буква“ и винарница „Стоби“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а „Култура бета“ е медиумски партнер.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2022 09:02