Повеќе досега невидени писма на англискиот писател од 19. век, Чарлс Дикенс, утре за првпат ќе бидат изложени во Музејот на Чарлс Дикенс и на интернет.
Станува збор за 11 писма што вклучуваат разни белешки и увид во навиките на авторот за читање и пишување, како и податоци за едно патување во Швајцарија, пишувани до пријател… Имено, на пр., во писмо од 10 февруари 1866 година, Дикенс се жали на одлуката за неработење на поштенската услуга и сообраќај во недела и се заканува дека ќе си замине од неговото соседство.
„Би замолил да посочам дека најодлучно и најжестоко се противам на нанесувањето каква било непријатност врз себеси… Во најдобри односи сум со моите соседи – сиромашни и богати и верувам дека би им било жал да ме загубат. Но, ќе бидам дотолку попречен од предложеното ограничување што мислам дека тоа ќе ме принуди да го продадам мојот имот овде и да го напуштам овој дел од земјата“, пишува тој.
Писмата се меѓу повеќе од 300 предмети што Музејот на Чарлс Дикенс ги набави од колекционер од САД во 2020 година. Збирката вклучува и лични предмети, портрети, скици, белешки и книги.
Целата колекција, вредна 1,8 милиони фунти (2,1 милиони долари), Музејот ја купи со помош на Меморијалниот фонд на националното наследство, националните библиотеки и стипендијата „Дикенс“.
Емили Данбар, кустос во Музејот, рече дека една од најдобрите работи за овие писма е тоа што го прикажува како пишувал во неговите 30-ти, 40-ти и 50-ти години од животот и разновидноста на темите што го окупирале неговиот ум.
Чарлс Дикенс е писател на многу познати класици, како што се романите „Оливер Твист“, „Приказна за двата града“, „Големите исчекувања“ и „Дејвид Коперфилд“.