На вториот Меѓународен форум за зачувување на тигрите, којшто почна вчера во Владивосток, надлежните лица од Русија објавија дека во земјата бројот на сибирски тигри е речиси двојно зголемен, на 750 единки, изминативе 12 години.

Амурскиот, или сибирски тигар сѐ уште е загрозен во многу земји, но неговата популација последниве години се зголемила за 40 отсто. Ловокрадството сѐ уште е најголема закана за тигрите, изјавија познавачите на Форумот.

Сепак, бројот на големи мачки убиени од ловокрадците во Русија нагло се намалил последните 10 години – од околу 50 – 70 годишно пред 10 години, на 15 – 20 денес. Покрај тоа, живеалиштата на тигрите се проширени, соопшти Центарот за амурски тигри.

Форумот беше отворен со видеопорака на рускиот претседател Владимир Путин, кој истакна дека е горд поради сѐ поголемиот број тигри во земјата.

– Драго ми е што го гледам успехот и на нашите колеги во Индија, Непал, Бутан и Кина, каде што популацијата на големи мачки очигледно се зголемува, изјави Путин.

И Казахстан има системски план за враќање на тигрите во дивината од 2025 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/09/2022 10:46