Првото бебе во новата 2017 година е женско бебе кое се роди ноќеска само 12 минути по полноќ во Клиничката болница во Битола. Мајката на свет го донесе по природен пат, а исто така природно ноќеска се породија уште две родилки. И тие на свет донесоа женски деца. Второто бебе е родено 50 минути по полноќ, а третото во 2 часот и 30 минути.
На бебињата и на нивните семејства многу здравје и среќа им посака битолскиот градоначалник кој денеска ги посети во Клиничката болница во Битола. На сите три родилки им подари вредносен ваучер од општина Битола.
– Продолжуваме со традицијата. Радосен сум што имав можност да им честитам на родителите за новороденчињата, но и на медицинскиот персонал кој им помогна во новогодишната ноќ, изјави градоначалникот Талески за време на посетата на Клиничката болница.
Првото бебе во главниот град пак, е машко, родено во 04 часот и 15 минути утринава во специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Бебето е тешко 3 килограми и 400 грама, а долго е 53 сантиметри. Тоа е првороденче на 25-годишната мајка Нуредини Рамадан Хикмет. Бебето го посетија Министерот за здравство, Никола Тодоров, Министерот за труд и социјала, Ибрахим Ибрахими, како и градоначалникот Коце Трајановски кој на семејството традиционално им врачи 20.000 денари.
Тодоров им се заблагодари на здравствените работници од болницата и на дежурниот тим, како и на сите здравствени работници во Македонија за нивната посветеност и пожртвуваност и во текот на новогодишната ноќ.
- Кога сите луѓе слават, се радуваат и се со своите семејства, некои од здравствените работници ја извршуваат својата должност и се на своите работни места и се тука за сите пациенти во Република Македонија, рече Тодоров, кој на бебето му подари пригодни подароци.