Генeтичката компанија „Синоген биотехнологија“, со седиште во Пекинг, Кина, вчера објави вест за првиот успешно клониран див арктички волк-женка во светот. Видеопораката уследи 100 дена по нејзиното раѓање во лабораторија во кинеската покраина Лијаонинг. Научниците велат дека животното е „пионер во одгледувањето ретки и загрозени животни“ преку технологијата на клонирање.

– За да го спасиме загрозеното животно, ја почнавме истражувачката соработка со „Харбин поларленд“ за клонирање на арктичкиот волк во 2020 година. По две години макотрпни напори, арктичкиот волк беше успешно клониран. Ова е прв случај од ваков вид во светот, изјави Ми Џидонг, генерален директор на компанијата.

Раѓањето на првиот клониран див арктички волк во светот е пресвртница за применетата наука за клонирање. Тоа е од големо значење за зачувување на ретките и загрозени животни и биодиверзитетот, сметаат стручњаците.

Родена на 10 јуни, волчицата по име Маја е во добра здравствена состојба. Според Жао Џијанпинг, заменик генерален директор на компанијата, клонирањето е постигнато со конструирање на 137 нови ембриони од енуклеирани ооцити и соматички клетки, проследено со пренос на 85 ембриони во матката на седум женски кучиња-бигли, од кои еден се оплоди и роди како здрава волчица – Маја.

Изборот на кучка како сурогат-мајка на Маја е направен затоа што кучињата имаат исто генетско потекло со волкот.

Меѓународната унија за зачувување на природата ги наведува арктичките волци како загрозени во „Црвената листа загрозени видови“. Природното живеалиште им е северното арктичко подрачје на Евроазија, Гренланд и Канада. Во Кина, се внесуваат од странство и се одгледуваат во зоолошки градини.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2022 09:51