Фондот за здравствено осигурување на Македонија 2017 година ја започнува со историски најголемиот буџет на институцијата во висина од 26 милијарди и 947 милиони денари.

Овој буџет е за 1 милијарда и 370 милиони денари повисок од буџетот на почетокот на 2016 година, односно зголемување за 5,4%. Буџетот од околу 27 милијарди денари е повеќе од двојно повисок во споредба со 2000та година кога е формиран Фондот и кога изнесувал 12 милијардии 500 милиони денари.

Фондот за здравствено осигурување продолжи со праксата на транспарентна распределба на буџетот, и поради тоа во последните два месеци одржавме преговори со сите јавни здравствени установи и методолошки го распределивме буџетот за 2017 година.

Фондот за прераспределбата на буџетот користеше повеќе параметри а тоа се:

1. Анализите за реализација на буџетите во претходната 2016 година;

2. Податоците од преговорите со здравствените установи;

3. Планот за видот и обемот на здравствени услуги, новите методи и нови здравствени услуги за 2017 година кои ЈЗУ ги предлагаат;

4. Одржливоста на јавните здравствени установи.

Процентуално поделбата на буџетот за 2017 година е следнава: ЈЗУ ќе добијат 53,14% од буџетот на ФЗО, ПЗУ ќе добие 30,57 %, надоместоци за породилно и болест 10,76%, ортопедски помагала 1,67%, 1,48% лекување во странство, 2,11% за функционирање на Фондот (капитални инвестиции и софтвер).

Во рамки на зголемувањето на буџетот за 2017 година од 1 милијарда и 370 милиони денари во однос на почетниот буџет од 2016 година, 1 милијарда и 50 милиони денари претставува зголемување за здравствени услуги, а додека за 325 милиони денари се зголемени надоместоците за породилно и боледувања. И годинава очекуваме трендот на зголемен број на породилни отсуства да продолжи. Финансиски, во средствата за навремената исплата на породилни отсуства влијае и зголемувањето на времетраењето на исплатата на породилното отсуство за близнаци од 12 на 15 месеци.

Од здравствените услуги во споредба со 2016 година, најголемо е зголемувањето кај ЈЗУ односно 566 милиони денари или раст за 4,1% во кое е вкалкулиурано зголемувањето на крајот на 2016 година. Кај ПЗУ, зголемување за 160 милиони поради зголемената капитација кај матичните лекари и стоматолози. За лекови на рецепт по зголемувањето од 80 милиони во текот на 2016 година, предвидени се дополнителни 200 милиони денари и за дијализа предвидени се дополнителни 50 милиони денари.

Во последните две години буџетите на Јавните здравствени установи се зголемени за речиси 1 милијарда и 500 милиони денари, од кои во 2016 година се зголемени за 973 милиони денари, а во 2017 обезбедивме нови дополнителни 458 милиони денари. Зголемувањето на буџетот до 1 милијарда и 370 милиони денари (919 милиони денари) се прераспределува за повеќе лекови на рецепт и поголема достапност на лекови по аптеките, како и обезбедени средства за матичните лекари и стоматолози за зголемената вредност на капитацијата, надоместоци за породилни отсуства, ин витро и лекување во странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2017 12:19