По речиси 30 години кариера во Холивуд, Том Хенкс скромно смета дека има само четири филмови кои се „прилично добри“.

Добитникот на два „Оскара“, кој глуми во вкупно 94 филмски и ТВ-остварувања досега, во интервју за „Пипл“ (People), го најави и својот нов роман „Создавањето на уште едно големо филмско ремек дело“, за 9 мај 2023 година. Книгата е измислена приказна за создавањето на филм за суперхерои што чини повеќе милиони долари и стрипот што му претходел…

– Никој не знае како се прави филм – иако сите мислат дека знаат. Снимив еден тон филмови (четири од нив се прилично добри, мислам) и сè уште сум изненаден од тоа како филмовите „се спојуваат“. Од начнувањето идеја до сликата на екранот – целиот процес е чудо!, изјави тој.

Хенкс натаму додаде дека снимањето филм е многу напорна работа.

– Трае многу долго и тоа се состои од толку многу мигови на радост, наспроти еднаква количина чувства на омраза кон себе. Тоа е најголемата работа на светот и најзбунувачкиот труд за кој знам, појасни глумецот.

Хенкс вели и дека замислата за можно продолжение на оскаровскиот „Форест Гамп“ била затворена речиси веднаш по успехот на првиот филм, за кој се претпоставува дека е во неговата лична „топ-четири“ листа „прилично добри“ филмови. Во „ерата на продолженијата и преработките“, Хенкс додаде дека „нема обврска“ да ја повтори својата славна улога Форест по оригиналниот филм од 1994 година.

– Ќе кажам дека, со оглед на временското растојание, навистина се заглавив во разговор за уште еден „Форест Гамп“ филм, и тоа траеше цели 40 минути… И, тогаш тоа отпадна, си рековме: „Момци, а бе, ајде!“, сподели Хенкс.

Занимливо е и тоа што, според кажувањата, тој платил од својот џеб за одредени сцени – како штo e култното трчање на Форест низ Америка.

– Отсекогаш сум велел „Момци, ако има причина да го направиме тоа продолжение, ајде да го направиме. Но, вие момци не може да ме присилите на тоа“. Тука е онаа природна склоност кон чиста комерцијалност што вели: „Еј, штотуку имавте хит, направете го тоа повторно, и ќе имате уште еден погодок“!, додаде тој.

Том Хенкс годинава е актуелен со филмовите „Елвис“ и „Пинокио“, како и „Човекот наречен Ото“ и „Градот Астероид“ што допрва треба да се прикажат в кино. Филмот „Тука“ (Here) е во претпродукција.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2022 11:43