Нетфликс објави дека ќе отвори свое студио за производство на видеоигри во Финска. Тоа ќе биде прво такво студио на Нетфликс откако стрим-гигантот влезе на пазарот за мобилни игри во ноември 2021 година. Сега го купи „Некст гејмс“ со седиште во Хелсинки за околу 72 милиони долари, по трите други студија лани.
Нетфликс има околу 20 мобилни игри што им се достапни на претплатниците за преземање, а се планира тој број да достигне 50 до крајот на годинава. Понудата ги вклучува „Стрејнџер тингс 1984“ (Stranger Things: 1984) и шаховската „Квинс гамбит чес“ (Queen’s Gambit Chess) – игри засновани на серии на Нетфликс.
Според „Аптопија“, помалку од еден отсто од вкупно 220 милиони претплатници на стрим-услугата користат видеоигри на дневна основа.
– Сè уште е рано, а имаме уште многу работа за да обезбедиме одлично гејмерско искуство на Нетфликс. Може да ни требаат години за да се создадат игрите, па горд сум што гледам како постојано ги градиме темелите на нашите студија за игри во нашата прва година, изјави Амир Рахими, потпретседателот на одделот за видеоигри на Нетфликс.
Компанијата рече дека нејзините игри нема да имаат реклами, ни апликации за купувања. Во мигов, корисниците можат да ги видат игрите понудени во апликацијата „Нетфликс“, но ги преземаат како поединечни апликации.