Опозициските партии – Народната партија и Двери, со лидерите Вук Јеремиќ и Бошко Обрадовиќ, Заветници, Коалицијата Надеж, со лидерот на ДСС, Милош Јовановиќ, група професори и академици, предводени од Матија Беќковиќ, се потписници на „Прогласот за собир во одбрана на Косово“ во кој оценуваат дека „е последен момент да се промени косовската политика на Србија“ и притоа подготвија декларација за целосна реинтеграција на Косово во уставниот и правниот поредок на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што се наведува во декларацијата што ја прочита академик Матија Беќковиќ, неприфатливи се сите предлози што подразбираат поделба, размена на територии, откажување од Косово, предавање на дел или цела територија, членство на Косово во Обединетите нации или на кој било начин ја загрозуваат иднината на целовитоста на Косово како дел од Србија.

-Никој нема право или легитимитет да работи во таа насока или да потпишува какви било меѓународно обврзувачки документи спротивни на Уставот на Србија, се наведува во Декларацијата за реинтеграција на Косово и Метохија во уставниот и правниот поредок на Србија.

Според Беќковиќ, во декларацијата понатаму се наведува дека единственото решение што е прифатливо и пожелно за Србија е целосна реинтеграција на целата територија на Косово „со сите свети места, граѓаните кои живеат таму и природните ресурси во уставниот и правен поредок на Србија“.

-Како дел од тој процес, подготвени сме да отвориме дијалог со претставниците на косовските Албанци за градење на поредокот на владеење на правото за сите етнички заедници и сите граѓани и начините на кои ќе се изврши оваа уставно-правна реинтеграција на заедничка корист, се наведува во декларацијата.

Претседателот на Народната партија, Вук Јеремиќ, го повтори партискиот став дека не е доволна борбата на инсистирање да не се признае независноста.

-Не треба да го признаеме Косово, дури и ако целиот свет еден ден го признае, рече тој.

Според него, Народната партија во Собранието инсистирала претседателот на Србија, Александар Вучиќ, писмено да им се обрати на претседателите на Кина и Русија, двете земји членки на Советот за безбедност на ОН кои се единствените кои не ја признале косовската независност, нагласувајќи дека тоа е единствениот начин да се спречи влезот на Косово во ОН, додавајќи дека такви писма не се пратени.

Лидерот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, истакна дека партиите во Србија испраќаат пораки за слога за прашањето за Косово.

-За сите нас собрани овде, приказната за разграничувањето„Чосиќ-Вучиќ е неприфатлива и завршена за сите времиња, рече лидерот на Двери.

Еден од лидерите на коалицијата НАДЕЖ, Милош Јовановиќ, оцени дека е речиси решавачки момент кога се договориле околу прогласот.

-Нема сомнеж дека е потребна радикална промена на политиката за Косово, политика чиј краен исход е неповратно да даде целосен легитимитет и Косово да заживее како независна држава, рече Јовановиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2022 15:26