Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски денеска во Катана, Република Италија, како претставник од Република Македонија, прв пат претседавеше со сесија на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), – Анализа на здравствената состојба кај животните во Европа во 2021/2022 година.

Ова, според АХВ, е своевидно признание за активната вклученост на државава на полето на здравствената заштита на животните и на посветеноста и професионалноста во работењето на вработените во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Како што соопшти АХВ, на 30. конференција на (WOAH) што се одржува од 3 до 7 октомври, акцент во дискусиите е ставен на темите од областа на благосостојбата на животните, официјалните контроли, концептот „Едно здравје” и неговата операционализација во Европа, условите за превоз на животни на долги релации, како и темата посветена на дигитализацијата на ветеринарните услуги.

Посебен акцент на конференцијата е ставен на африканска чума кај свињите во европски и светски рамки.

-Оваа и темата за успешноста на вакцинацијата против птичји грип, на конференцијата предизвикаа исклучително големо внимание кај учесниците, како актуелни области од здравствената заштита на животните со кои се бори Европа и светот и за кои се бараат нови, соодветни решенија за справување, информира АХВ.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2022 13:17