Какви било одлуки коишто се носат во рамките на ЕУ, какви било мерки коишто се преземаат со цел справување со енергетската криза секогаш во нив е вклучен регионот на Западен Балкан, затоа што во овој момент и ЕУ и Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици, изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Дејвид Гир, запрашан за помошта од Унијата за земјите од Западен Балкан за справување со енергетската криза во контекст на новиот пакет санкции против Русија, кој го подготвува ЕУ, а кој не вклучува изземање-дерогација за регионот, поради односот на Белград кон официјална Москва.

–Што се однесува за поддршката на ЕУ во енергетскиот сектор би сакал да подвлечам дека ЕУ обезбедува значителна финансиска поддршка за областа на енергетика. Прво и првенствено преку т.н. зелена транзиција во обезбедување на обновливи извори на енергија, преку инсталација на различни фотоволтаици во термоелектраната „Осломеј“ и исто така во зголемување на енергетската ефикасност во јавните згради се со цел да можат да се соочат со енергетската криза. Како трето, ЕУ исто така обезбедува финансиска помош за гасната транзиција преку поврзување на интерконекторите од Република Грција кон Република Србија и Косово и таа финансиска помош во овие сфери на ЕУ се разбира дека ќе продолжи и во иднина. Се разбира дека таа поддршка е на среден и на долг рок, вели евроамбасадорот Гир.

Во однос на снабдувањето со електрична енергија и со соочување со високите цени на електричната енергија Западен Балкан, вели тој, исто така е вклучен во тие одлуки. И тоа што е најважно да се каже е дека ЕУ секогаш кога презема или кога одржува какви било состаноци Западен Балкан секогаш е дел од тие дискусии.

-Најдобар доказ за тоа, е дека веќе вашата земја и другите партнери од Западен Балкан се дел од дискусијата во ЕУ, а вашата земја е исто така дел на заедничката енергетска платформа на ЕУ и активно придонесува кон таа платформа, нагласува Гир.

Во контекст на тоа каков нов пакет санкции планира ЕУ да преземе во врска со ситуацијата со Украина, тој вели дека не би можел сега да коментира во врска со таа одлука, но вели, штом се донесат одлуки во Брисел ќе биде во можност да ги објасни подетално.

-Меѓутоа, што се однесува на Република Македонија, навистина ги има усвоено и спроведено сите одлуки и санкции коишто ЕУ ги има преземано кон Русија поради нападот врз Украина и разбрав дека Република Македонија ќе продолжи да функционира во склоп на тие одлуки. Исто така, би сакал да подвлечам дека во однос на спроведување на санкциите на ЕУ спрема Русија навистина Македонија претставува пример во овој дел, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.

Радио Слободна Европа претходно јави дека новиот пакет санкции против Русија не вклучува изземање-дерогација за Западен Балкан.

-Србија не воведува санкции кон Русија, затоа не треба да има профит од дерогација. Со овој став се согласија и другите земји-членки, изјави анонимен дипломатски извор кој беше вклучен во дискусиите за новиот пакет санкции, пренесува РСЕ.

Во првиот нацрт на предлогот за новиот пакет санкции, Западен Балкан беше изземен од ограничувањата поврзани со увозот на руска сурова нафта. Во претходниот предлог беше наведено дека е неопходно да се предвиди дерогација за Западен Балкан, за да се заштити енергетската безбедност на регионот.

Дерогацијата, според прелиминарната идеја, би овозможило транзит на руска сурова нафта преку нафтовоот низ Хрватска (ЈАНАФ), под услов таквиот транзит да остане во границите на просечните нивоа на транзит од претходните години за да се избегне заобиколување на санкциите.

Сепак, според дипломатски извори, по дискусија на ниво на амбасадори на земјите-членки на ЕУ, параграфот за изземање бил отстранет поради неусогласувањето на санкциите на ЕУ кон Русија од страна на Србија, кои се договор за руската агресија врз Украина.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2022 16:16