Младинскиот образовен форум и Радио МОФ во партнерство со Агенцијата на OН за бегалци (УНХЦР), објавува повик за дводневна работилница за мобилно новинарство што ќе се одржи помеѓу 10 и 14 октомври, од 10 до 18 часот.

Учесниците на работилницата ќе се стекнат со потребното знаење за креирање новинарски продукти поврзани со бегалци, баратели на азил, мигранти и лица без државјанство. Ќе добијат информации поврзани со основните права на бегалците, војната во Украина и бегалската криза, статусот на мигрантите во Украина, репродуктивните аспекти на бегалската криза и дополнително, како и знаења и техники за мобилно новинарство преку теоретски предавања и практични вежби.

– Целта на работилницата е да ги изгради капацитетите на младите новинари и да ги подобри нивните вештини за мобилно новинарство, како и да ги зголеми нивните знаења за известување и креирање на новинарски продукти поврзани со овие категории на лица.

Повикот е отворен за млади новинари на возраст помеѓу 20 и 35 години, фоторепортери, уредници и, општо, медиумски работници кои известуваат во Република Македонија и создаваат видеоприлози, пишани прилози (во печатени и медиуми на интернет), анимации, графички стории, фотостории и други визуелни форми на известување на дигитални медиуми, соопштија организаторите на работилницата.

По завршувањето на работилницата, осум учесници ќе имаат можност да се пријават да бидат дел од менторска програма организирана од МОФ, Радио МОФ и УНХЦР.

Учесниците на менторската програма ќе присуствуваат на работилница одржана од новинари со богато новинарско искуство во темата и со поддршка од нивните ментори ќе имаат задача да креираат медиумски продукт во форма на текст, мултимедијална приказна, поткаст, кратко видео, интервју или сл. кое потоа ќе треба да го објават во медиумот во којшто работат. Менторската програма е предвидена да трае три недели. За селектираните учесници е предвидено покривање на сите трошоци поврзани со креирањето на продуктите.

Заинтересираните може да се пријават онлајн најдоцна до 9 октомври 2022. Повеќе информации може да добијат на е-адресата: petar_barlakovski@mof.org.mk



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 13:00