Архитектонскиот факултет денес е врвна високообразовна институција која подготвува кадри од областа на архитектурата и урбанизмот, со современи услови за студентите и можности за реализирање на меѓународни проекти како и можности за развој и усовршување на наставниот кадар, нагласи денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири на прославата на јубилејот на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Министерот посочи дека во текот на петгодишните интегрирани студии од прв и втор циклус, студентите учат како да го направат просторот погодно место за живеење, адаптирајќи го според приоритетите на човекот, а знаењата можат да ги надоградат продолжувајќи и на докторски студии.

Како што додаде, задача на ресорното Министерство е да им овозможи на студентите успешно да го изодат тој пат.

-Стратешка цел на МОН и на Владата е да изградат систем кој обезбедува континуиран развој на високото образование и науката. Веќе функционира Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, каде заеднички поставуваме прашања, дебатираме и нудиме одговори, се со цел унапредување на високото образование и интензивирање на научно-истражувачката дејност. Сите напори треба да резултираат со подобро и поатрактивно високо образование, како за домашните, така и за странските студенти, рече министерот.

Напомена дека со широка консултација на универзитетите, високообразовните установи, студентите, Интеруниверзитетската конференција, МАНУ и деловна заедница се трасира Националната програма за високо образование и се утврдува новиот начин за финансирање на високото образование.

-Во делот на студентскиот стандард, со новиот конкурс за стипендии ќе ги пресретнеме потребите на многу повеќе млади и освен досегашните 10-тина категории стипендии за прв циклус студии, воведуваме уште неколку нови категории, за професии за кои има општествена потреба. Од минатата година значително се зголемени износите на стипендиите. Можност да конкурираат за стипендии и оваа година ќе имаат и студентите на втор и на трет циклус студии, посочи министерот Шаќири.

Тој потенцираше дека за перспективна иднина на државата важен е човечкиот капитал и затоа се поттикнува академското образование. Од Архитектонскиот факултет, како што рече, се очекува да продолжи со успешната подготовка на архитекти способни за критичко, независно и креативно решавање на сложени архитектонски, урбанистички и предизвици поврзани со просторно планирање.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 15:14