Соработката меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство е навистина на високо ниво и таа ќе продолжи да се развива и тоа во клучни области кои се предуслов за демократски развој и економски напредок, заклучија на денешната средба заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и новиот британски амбасадор во земјава, Метју Лосон.

Вицепремиерката Грковска му посака добредојде на амбасадорот Лосон и му посака успешна мисија во Скопје. Таа се заблагодари за досегашната британска поддршка, која се манифестира и преку тесна соработка со нејзиниот Кабинет, особено во делот на унапредување на транспарентноста на институциите, како и на јакнење на капацитетите со цел да се зголеми нивната ефикасност.

Таа истакна дека во својата работа е фокусирана на одржливи, системски и долгорочни решенија, кои ќе имаат влијание во промената на општеството.

Амбасадорот Лосон оцени дека надлежностите на Кабинетот за политики за добро владеење се многу значајни. За Обединетото Кралство, додаде тој, приоритет е да продолжат реформите на кои заедно работиме, со цел да се даде поддршка на Владата на Република Македонија во справувањето со корупцијата, унапредување на транспарентноста, како и во процесот на дигитализација.

Тој нагласи дека Обединетото Кралство ја промовира пораката на „партнерство на еднакви“, која го нагласува значењето на културниот идентитет на секоја држава, значењето на културата и јазичниот идентитет.

Двајцата соговорници се договорија соработката да ја прошират и во други области за кои заеднички ќе оценат дека се клучни за развојот на Македонија, особено во периодот на пристапните преговори кон Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 15:38