Оние кои ја погледнале ТВ-серијата „Тед Ласо“, веројатно знаат за измислената апликација за запознавање на интернет, „Бантр“… Тоа сега станува реалност, благодарение на друга апликација – „Бамбл“ (Bumble).
Тоа досега беше апликација за запознавање и вмрежување наменета првенствено за жени. А, сега е склучен договор со сервисот „Епл ТВ плус“, по кој ќе им го овозможат на своите корисници и искуството со „Бантр“. Почнувајќи од вчера, 13 октомври, корисниците можат да учествуваат во настанот „Бантр лајф“ секоја недела, преку кој двајца корисници ќе можат да се поврзат пред да ги видат фотографиите еден на друг, слично на „Тед Ласо“, пишува „Сити магазин“.
Во реалноста, новата опција би требало „да ја стави личноста на прво место и да ги поврзе луѓето на забавен и опуштен начин“, се наведува во известувањето.
Корисниците ќе може да се допишуваат три минути, по што и двајцата ќе бидат прашани дали сакаат да го продолжат разговорот. Ако и двајцата се согласат, ќе можат да имаат класичен разговор и конечно ќе можат да ги видат целосните профили, со сите фотографии. Тоа засега ќе биде достапно во САД, Канада и Велика Британија – до крајот на оваа година.
Неодамна и спортската видео игра „ФИФА 23“ го додаде фудбалскиот клуб „АФЦ Ричмонд“ од серијата во клубовите за играње, што исто така, е измислен.
Серијата „Тед Ласо“ освои 11 „Еми“ награди, а најавена е и третата сезона.