Иран денеска ги отфрли обвинувањата дека испратил оружје во Русија „за да го употреби во војната во Украина“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.

Во последните недели Киев и голем број западни земји ја обвинија Москва дека користи таканаречени беспилотни летала- камикази од иранско производство.

За оваа тема в понеделник ќе се разговара и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Луксембург.

Шефот на иранската дипломатија Хосеин Амир-Абдолахиан во денешната изјава истакна дека „Исламската Република Иран не испратила и нема да испрати никакво оружје за да се употреби во војната во Украина“.

-Веруваме дека вооружувањето на секоја страна во оваа криза само ќе ја продолжи војната, рече шефот на иранската дипломатија.

„Ние не ја сметавме и не ја сметаме војната за исправниот пат, како во Украина, така и во Авганистан, Сирија и Јемен“, додаде министерот Амир-Абдолахиан, кој и во вчерашниот телефонски разговор со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел повтори дека Иран е неутрален во однос на војната во Украина.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2022 05:44