Вработените во Зоолошката градина „Скансен“ во Стокхолм, Шведска, сè уште трагаат по кралската кобра која избегала од нејзиниот терариум викендов, поради што Зоолошката е делумно затворена.
Отровната змија-мажјак, наречен „Господин Хисинг“, пристигнал во зоолошката градина пред неколку дена и веќе успеал да исчезне меѓу терариумските светилки, поради што му го дале и прекарот „Худини“, по познатиот магионичар. Тој дел од Зоолошката градина е евакуиран и затворен додека „избеганиот“ влекач не биде фатен.
Вработените сепак веруваат дека змијата сега е некаде на таванот на одделот за рептили.
– Тој нема да излезе надвор, бидејќи надвор е премногу студено за него, изјави директорот на Зоолошката градина, Јонас Валстром.
Кралските кобри се смртоносни змии. Тие потекнуваат од Јужна и Југоисточна Азија и се најдолгите отровни змии во светот. Нивниот главен плен се, главно – другите змии, но каснувањето може да биде фатално за луѓето доколку не се лекува навреме.