Германскиот производител на спортска опрема „Адидас“ денеска соопшти дека „веднаш“ го прекинува партнерството со Кање Вест, сега познат како Је, по антисемитските изјави на американскиот рапер во последните недели.

„По темелно разгледување, компанијата одлучи веднаш да ја прекине соработката со Је“, се вели во соопштението на групата.

„Адидас не толерира антисемитизам или кој било друг вид говор на омраза“, се додава во информацијата. Германскиот спортски бренд наведува дека неодамнешните коментари и постапки на Вест, кој официјално го смени своето име во Је, се „неприфатливи, полни со омраза и опасни и ги нарушуваат вредностите на компанијата за различност и инклузивност, меѓусебно почитување и правичност“.

Германската компанија, исто така, денеска соопшти дека го „прекинува производството“ на брендот на раперот Yeezy.

Раперот неодамна изјави дека Адидас нема да ја прекине соработката со него поради неговите коментари, по што следеа повиците за бојкот. Поради изјавите на Је реагираше и Лигата против клевета, која го повика Адидас да го прекине својот бизнис со Вест.

Соработката на Адидас и американската ѕвезда долго време е меѓу најуспешните во светот на полето на модата. Колекцијата патики Yeezy, која се појави на пазарот во 2014 година, беше голем успех што го направи Кање Вест милијардер.

Компанијата соопшти дека ќе прими „краткорочен“ удар од 250 милиони евра (217 милиони фунти) на својот приход за оваа година, поради одлуката за прекин на соработката.

Поради антисемитските изјави на Је, објавени на социјални мрежи и во серија интервјуа, тој веќе е отстранет од Инстаграм и Твитер. Потегот на Адидас доаѓа откако Баленсијага, Гап и Џи Пи Морган Чејс ги прекинаа врските со Вест по повторените антисемитски забелешки. Долгогодишната агенција за таленти на раперот CAA престана да го застапува изминатиот месец, пишува Hollywood Reporter.

Исто така, тој неодамна на модна ревизија во Париз се појави со маица со слоганот„ Животите на белците се важни“, кој го користи американската крајна десница и е своевиден против-слоган на „Животите на црнците се важни“, заради борба против расизмот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2022 15:51