Повеќе од 150 дела на мистериозниот Бенкси се претставени на изложбата наречена „Мистеријата на Бенкси – генијален ум“ во „Виенер Штандхале“ во Виена, Австрија.

Изложбата дава преглед и увид во целокупното творештво на неименуваниот уметник, кој важи за „една од најголемите мистерии“ на 21 век. Неговите графити веќе со години го привлекуваат вниманието на светската јавност, а деновиве едно негово дело осамна и во Бородјанка, Украина, којашто е разурната од војната. Сепак, според мотото на Бенкси, „Авторските права се за губитници ©TM (Copyright is for losers ©TM)“, ниту оваа изложба не е официјално авторизирана – поради тоа што уметникот настојува да остане анонимен.

Графити, фотографии, скулптури, графики и видео-колажи првично пренесени на различни материјали – се репродуцирани и поставени специјално за оваа изложба во 18-те простории на виенскиот музеј.

Настанот е надополнет со документарен филм којшто ги прикажува најважните фази од кариерата на Бенкси. Изложбата останува отворена до 5 февруари 2023 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2022 08:52