Ние во Македонија и Западен Балкан треба да работиме проактивно за да развиеме и усвоиме законодавство со што нашите граѓани ќе предводат на фронтот во енергетската транзиција. И ние работиме на тоа. Неодамна ги олеснивме инвестициите на граѓаните и компаниите во производството на обновлива енергија со поедноставување на процедурите и подигање на свеста на граѓаните и малите и средните претпријатија да преземат проактивна улога во нивното производство на енергија. Но, ова е само почеток. Имаме уште многу да направиме за да ги вклучиме граѓаните како партнери во енергетската транзиција.

Ова денеска го истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските сектори и инвестиции Фатмир Битиќи во обраќањето на панел дискусија во рамки на Социо-еколошкиот форум (СЕФ) во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“, Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија.

Битиќи посочи дека според економската литература, трошоците за енергија значително влијаат на деловната активност, зголемувањето на цените на енергијата од еден отсто е поврзано со намалувањето на деловните инвестиции за 1,2 отсто во Европа. Цените на бензинот, како што рече, исто така се зголемија многу повеќе во Европа отколку во САД, главно поради тоа што Европа е повеќе погодена од недостигот на снабдување од Русија.

Според него, сега повеќе од кога било, Европа и нашиот регион се соочуваат со историски предизвик за обезбедување на еластично снабдување со енергија и одржлива економија и воспоставување релевантна климатска политика. Нагласи дека ова може да се случи само ако членките и земјите аспиранти работат заедно – поврзувајќи се преку размена на знаење и иновации.

– Прво, европските земји се клучни извозни дестинации во Македонија, а нашите најголеми трговски партнери се Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија. Второ, најголем дел од нашите странски директни инвестиции (СДИ) ги добиваме од европските земји. Главните земји кои инвестираат во Македонија се Велика Британија и Австрија, а потоа следат Грција, Холандија и Словенија. Но, и покрај тешките околности на оваа енергетска криза, Европа е на траекторија да го демократизира производството и користењето енергија, а овој тренд е нешто што и треба на Македонија и јас целосно го поддржувам, бидејќи праведната транзиција е совесен избор за секоја влада, рече Битиќи.

Вицепремиерот истакна дека европските граѓани се организираат во национални енергетски здруженија, особено преку Европската федерација REScoop, а Европскиот парламент неодамна ја одобри новата Директива за обновливите извори на енергија која им обезбедува на поединечните граѓани и заедници еднакви услови за учество и корист од енергетската транзиција. Тоа, како што рече, ќе им овозможи на околу 45 отсто од сите домаќинства во ЕУ да ја произведуваат својата обновлива енергија до 2050 година. Нагласи дека овие проекти носат најмалку осум пати поголема вредност кога се во локална сопственост на граѓани или граѓански здруженија наместо далечни производители на енергија.

Битиќи нагласи дека ја вклучуваме енергетската ефикасност во стратешките документи на нашата земја, како што се Националната стратегија за развој, индустриската политика, стратегијата за паметна специјализација и многу други.

– Овие процеси се отворени, транспарентни и вклучуваат граѓани од сите сфери на животот. Мораме да ги исполниме овие критериуми и да ги направиме отскочна штица за демократска енергетска транзиција. Ова е свесен и совесен избор. Совесен избор, но во исто време и свесна одговорност за сите. И можеме да го постигнеме со отворање на енергетскиот сектор за граѓаните, за граѓаните да бидат агенти, а не само потрошувачи на енергија. Тоа значи дека граѓаните имаат збор во производството, трговијата и користењето енергија. Во исто време, граѓаните имаат пристап до прифатлива, стабилна и доволна енергија, потенцира Битиќи.

Според него, даночните обврзници знаат како јавното претпријатие за производство и пренос на енергија ги троши своите пари и како функционира. Тој порача дека демократизацијата на енергијата е совесен избор кој е праведен за сите, избор кој, како што рече, никого не остава зад себе и создава и поттикнува зелени работни места.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2022 14:12