Министерството за финансии во октомври 2022 година со примена на мерките за заштеда на електрична енергија евидентира помала потрошувачка од 44 отсто во споредба со истиот месец во 2021 година.
-Заштедата е резултат на примена на мерките, не само во централниот објект на Министерството за финансии, туку и во 34-те подрачни одделенија и 17 трезорски канцеларии низ целата држава, велат од Министерството за финансии.
Според податоците на министерството, во текот на октомври 2022 година биле потрошени помалку 100.000 киловат часови.
-Примената на мерките обезбеди заштеда на електрична енергија во текот на септември 2022 за 32 проценти, нагласуваат од министерството.
Оттаму истакнуваат дека вработените во Министерството за финансии ќе продолжат и во наредниот период со примената на воведените мерки, што, како што велат, овозможуваат рационално користење на ресурсите, а притоа непречено одвивање на целокупниот процес на работа.
-Мерките што ги презема Министерството за финансии се дел од пакетот што го усвои Владата со цел да се намали потрошувачката на електричната енергија кај државните и јавните институции, со цел да имаме сигурност и безбедност во снабдувањето со електрична енергија во текот на зимата. Пакетот содржеше и препораки за заштеди до населението и компаниите, велат од Министерството за финансии.