Во годинешната класификација на организацијата „Интернационс“, којашто спроведува анкети меѓу луѓето со неавстриски корени, Виена повторно е меѓу градовите со најдобри услови за живот. Но, листата под наслов „Expat City Ranking 2022“, и оваа година го смести австрискиот главен град на последното место во категоријата „дружељубивост“.

Во анкетите во последните години, лошото расположение на виенците го поместија градот на Дунав при дното на ранг-листата. Но, сепак, австриската престолнина котира солидно во категориите „туризам и превоз“ (прво место) и „здравје и благосостојба“ (второ место).

Освен тоа, Виена не се доживува како особено скап град и се наоѓа на деветтото место во категоријата за „личните финансии“.

Индексот на „аклиматизацијата“, пак, повторно е голем минусен поен… Виена и тука е на последно место.

Странците во Виена ги опишуваат виенците воопшто како недруштвени и особено непријатни кон странците. Повеќе од половина од анкетираните (54 отсто) рекле дека им е тешко да се дружат со виенец, а 32 насто се почувствувале непожелно.

Омилен град за туристите е Валенсија, којашто е на прво место во анкетата којашто опфатила 11.970 испитаници, а потоа следат Дубаи и Мексико Сити.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2022 09:52