Повеќе од 700 инструменти, награди, облека, мебел, уметност, накит и други лични предмети на „Флитвуд Мек“ се очекува да бидат продадени за голема сума пари на дводневна аукција на 3. и 4 декември во Беверли Хилс. Дел од приходот е наменет за „Мјузикејрс“ (MusiCares), организација за помош и рехабилитација на музичарите.
Предметите се во сопственост на тројцата членови на наградуваната британско-американска рок-група – Мик Флитвуд и Кристина и Џон Мекви. Наддавањето е организирано од „Џулиен’с окшнс“ (Julien’s Auctions).
За дрвените топчиња закачени на кожени ремени, чувани во платнена торбичка со златен конец, што ги носел Мик Флитвуд како дел од неговата облека и беа прикажани на омотот на албумот „Rumours“ од 1977 година, се очекува да достигнат меѓу 100.000 – 200.000 долари. Топчињата првично биле дел од синџирот украси во тоалетот на клубот каде што настапувал составот, а подоцна биле вградени во сценската облека на „Флитвуд Мек“. „Винтиџ макси“ фустанот на Мекви на задната корица на албумот се проценува на 10.000 до 20.000 долари.
Пијаното „Јамаха Ц-3“, познато како „Сонгбрд пијано“ на коешто свирела Кристин Мекви, „Џулиен’с“ го процени на 40.000 до 60.000 долари, исто како и електричната бас-гитара на Џон Мекви.
И покрај турбулентната музичка историја, „Флитвуд Мек“ беше еден од познатите рок бендови од 70-тите и 80-тите. Можеби нивниот најпознат албум, „Rumours“, објавен 1977 година, стана еден од најпродаваните албуми на сите времиња, со хитовите „Go Your Own Way“, „Second Hand News“ и „You Make Loving Fun“. Албумот е продаден во повеќе од 40 милиони копии ширум светот.