Во поголемиот дел од Европа демократијата стагнира, за што придонесуваат економските проблеми и повеќекратните последици од руската војна во Украина, што од друга страна ја истакна клучната улога на демократијата во одбраната на мирот и просперитетот, оценува Меѓународниот институт за демократија и изборна поддршка (ИДЕА) во извештајот објавен денеска.

Во речиси половина од европските демократии, односно во 17 земји, во последните пет години дојде до демократска ерозија, се вели во извештајот за состојбата на демократијата во светот. „Сепак, демократските вредности и институции се повеќе се гледаат како основна пречка за рускиот иредентизам и неоколонијализам, особено во Украина, но и во повеќето земји од регионот“, се истакнува во анализата.

Се проценува дека европските недемократски режими дополнително се консолидирале во последната година.

Србија и Турција „останаа вкоренети во хибридноста“, а Русија стана третата европска земја со автократски режим, по Белорусија и Азербејџан.

Демократски пад е забележан во Полска и Унгарија, додека Украина, Ерменија и Молдавија доживеаја експанзија на демократијата.

ИДЕА оценува дека Европа се соочува со најпредизвикувачките времиња во последните неколку децении.

„Високата инфлација, економските проблеми и стагнацијата, порастот на екстремно десничарските партии и загриженоста за снабдувањето со енергија уште повеќе ја загрозуваат демократијата во Европа“, се наведува во извештајот, додавајќи дека тоа се случува во време на демократска стагнација во поголемиот дел од континентот.

Војната во Украина предизвика невидени кризи кои ги загрозуваат мирот и стабилноста, кои долго време се земаа „здраво за готово“, а нуклеарните закани на рускиот претседател Владимир Путин и неговата стратегија за користење на енергијата како оружје повикуваат на зајакнување на европското единство.

ИДЕА наведува дека граѓаните на многу долгогодишни демократии во Европа сè повеќе ги поддржуваат десничарските партии кои занемаруваат некои основни принципи на демократијата, како што се слободата на медиумите или вклучување на малцинствата во донесување одлуки. На глобално ниво, бројот на земји што се движат кон авторитаризам во последните шест години е повеќе од двојно поголем од бројот на земји што се движат кон демократија.

Половина од светските демократии слабеат, а меѓу недемократските земји, половина стануваат значително порепресивни, се вели во анализата.

Пандемијата, војните и климатските промени создаваат нови предизвици за демократијата.

„На крајот на 2022 година, светот е заробен под товарот на мноштво стари и нови проблеми. Постојат огромен број причини за политичка и економска нестабилност, вклучувајќи ги и зголемувањето на цените на храната и енергијата, зголемената инфлација и претстојната рецесија. Овие феномени се случуваат во нестабилниот контекст на климатските промени, долготрајните нееднаквости, пандемијата на Ковид-19, падот на животниот стандард и руската агресивна војна во Украина“, се вели во анализата.

ИДЕА укажува и на загрижувачки тренд на намалување на бројот на луѓе кои веруваат дека демократијата е одговорот на овие проблеми.

„Со цел повторно да се воспостави довербата меѓу луѓето и нивните влади, неопходно е да се развијат нови и иновативни општествени договори кои подобро ќе ја одразуваат променливата глобална средина и ќе му дадат приоритет на еднаквиот пристап до механизмите за учество“, истакнува ИДЕА.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2022 04:54