Индонезискиот Парламент се очекува овој месец да донесе нов кривичен закон со кој вонбрачниот секс ќе се казнува со до една година затвор, потврдија официјални лица.

Со ревизијата на законот ќе се забрани и навреда на претседателот и државните институции и искажување ставови спротивни на државната идеологија на Индонезија. Забрането е и живеење заедно пред брак.

Овој закон се работи со децении, а новиот кривичен закон се очекува да биде усвоен на 15 декември, изјави индонезискиот заменик министер за правда Едвард Омар Шариф Хиариеј.

– Горди сме што имаме казнен законик во согласност со индонезиските вредности, изјави тој.

Бамбанг Вурјанто, пратеник вклучен во изготвување на нацртот, рече дека новиот закон би можел да биде усвоен веќе следната недела.

Законот, доколку биде усвоен, ќе важи и за индонезиските државјани и за странците.

Претходниот предлог-закон требаше да биде усвоен во 2019 година, но тој предизвика протести низ целата земја. Десетици илјади луѓе протестираа во тоа време против низа закони, особено оние за кои се смета дека го регулираат моралот и слободата на говорот, за кои рекоа дека ќе ги намалат граѓанските слободи.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 15:10