Познатиот британски ТВ-авантурист Бер Грилс го посети главниот град на Украина, Киев. Таму се сретна со претседателот Володимир Зеленски, а на Твитер сподели заеднички фотографии како најава за следната негова емисија.
„Оваа недела ја имав привилегијата да отпатувам за Киев и да поминам време со претседателот Зеленски… Искуството со украинската метропола за време на војната е неспоредливо со сѐ што доживеав досега“, напиша водителот.
Британецот вели дека сакал само да праша – како претседателот всушност се снашол со сѐ тоа?…
– Добив многу повеќе. Шоуто доаѓа наскоро… Преживувањето на милиони луѓе е вистинска секојдневна борба во земја која влегува во зима, а нејзината инфраструктура е нападната. Преку ова специјално шоу, светот ќе ја види страната на претседателот Зеленски којашто никогаш досега не била прикажана, нагласи Бер Грилс во најавата за следната негова емисија.
Тој, исто така, му се заблагодари на Зеленски за неговото гостопримство во тие тешки времиња и му порача да остане силен.