Приватните превозници се спремни да почнат со вршење на превозот оној момент кога ќе им биде расчистен долгот, односно барем некој дел од долгот за да може да се надмине целата оваа ситуација, изјави денеска директорот на „Слобода прeвоз”, Ленин Јовановски.

Во изјавата за медиуми пред просториите на Град Скопје, Јовановски кажа дека приватните превозници денеска се откажаа од намерата да го блокираат градот на повеќе крстосници од причина што добиле одредени сугестии од граѓаните кои, како што рече, „ги уважиле”, како и поради тоа што денеска се одржува манифестацијата Златно Славејче.

– Денеска одлучија да ја демантираат градоначалничката со нејзините изјави за кои што тврдеше дека приватните превозници имаат 70 автобуси. Тоа вчера го демантиравме на прес- конференција и со документи, а и тука, за да ги види во живо дека се тие околу 200, и, исто така, граѓаните да ги видат. Токму затоа и нема некоја посериозна блокада, туку, како што гледате, е дозволен проток на движење на возилата, рече тој.

Јовановски информираше дека на денешните средби со претставниците на приватните превозници разговарале за можните решенија.

– Разговаравме за можните решенија, да се извлече и Градот Скопје, и граѓаните да не страдаат поради ваква криза, бидејќи, како што знаете, градоначалничката не ги прими ниту денеска приватните превозници да ги сослуша во нивните барања, да види дека не станува збор за никаков притисок, никакви закани или слично, како што беше наведено како изговор зошто не саска да седне и да се договори за проблемот, еве, вака, преку вас медиумите за да слушнат и граѓаните и таа дека приватните превозници се спремни да почнат со вршење на превозот оној момент кога ќе им биде расчистен долгот, односно барем некој дел од долгот за да може да се надмине целата оваа ситуација, посочи тој.

Според него, приватните превозници вршат јавна дејност и за да можат да ја вршат им требаат средства за да продолжат да ги сервисираат граѓаните.

– Предлагаме советот на Град Скопје да одобри средства за Јавното сообраќајно претпријатие кои ќе бидат во функција, да ЈСП се раздолжи со приватните превозници. Не мора да е тоа 100 процентно раздолжување, ќе го почекаме, за дваесетина дена можеби ќе се изгласа новиот буџет од кој што ќе се раздолжи целокупниот долг, меѓутоа, да се исплати поголем дел од долгот и до донесување на буџетот да се сервисираат трошоците на приватните превозници онака како што е превидено во самиот договор, вели тој.

Директорот посочи дека доколку добијат некакви сигнали, одговор и решение, на нивниот предлог предлог, тогаш можеби ќе престанат и протестите.

– Во спротивно, оној протест кој што е најавен како помасовна блокада на Градот Скопје, кај Мавровка, Црвен Крст и Булеварот „Илинденска” ќе се реализира во понеделник, рече тој.

На новинарско прашање за вистинитоста на долгот, тој посочи дека Град Скопје не може да тврди дека не постои долг.

– Долгот на ЈСП спрема приватните превозници е неспорен. Јас вчера презентирав документ од ЈСП, аналитичка картичка во која што ни е издадена од нивното сметководство во која што тој долг е онаков каков што ние ви го презентираме. Не постои спор и не може некој да го негира тој долг, рече Јовановски.

Од Град Скопје вчера соопштија дека го прекинуваат договорот со приватните превозници од „Слобода превоз” поради неисполнување на обврски што произлегуваат од договорот. Од Градот апелираа до превозниците да ја ревидираат одлуката за блокада на Скопје, бидејќи, како што велат, со тоа нема да постигнат решение за проблемот.

Јовановски, од друга страна, соопшти дека не добиле никаков документ.

– За да го раскинете на некому договорот и да си дозволите тоа да го кажете во јавноста треба барем тој документ да стигнал до оној на кој што се однесува. Ние сме на 50 метри од Градското Собрание, до сега многу брзо ни стигнувала таа папирологија, бидејќи сме биле во постојана комуникација, рече тој, дополнувајќи дека до денеска немаат добиено ништо.

Од Градот, исто така, најавија дека од следна недела ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите приватни превозници, со цел поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.

Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември на крстосницата кај ТЦ „Мавровка”, кога околу 30 автобуси на „Слобода превоз” и „Мак-експрес” беа паркирани на булеварите „Гоце Делчев” и „Крсте Петков Мисирков”, со барање „да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа”.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 17:57