Црвениот крст на Република Македонија денеска под мотото „Солидарност преку волонтирање“ го одбележува Светскиот ден на волонтерството – 5 Декември.

Од Црвен крст информираат дека оваа година го одбележуваат 5 Декември со оваа мото со цел да се оддаде признание за придонесот на волонтерите и да се подигне свеста за значењето на хуманоста како основна нишка за позитивни промени кај луѓето преку чинот на волонтирање.

Црвениот крст на Република Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на волонтерството со различни пригодни активности и свечености на општинските организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје ширум државата. Посочуваат дека продолжуваат да го негуваат и поттикнуваат волонтерството заради остварување на нашите заеднички цели – да бидеме хумани и достоинствени и да им помагаме на луѓето кои се нашле во неволја.

– Работата на Црвениот крст и Црвената полумесечина се потпира на придонесот на волонтерите. На глобално ниво, во националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина има околу 15 милиони волонтери. Волонтерството претставува основа за социјално и економско трансформирање преку кое се обезбедува трајно влијание заради способноста на овој хуман чин да влијае на начинот на размислување, ставовите и однесувањето на луѓето. Преку волонтирањето луѓето стануваат двигатели на промени и подеднакви партнери за реализирање на локален, национален и меѓународен напредок за одржлив развој на луѓето и глобален мир, се наведува во соопштението на Црвен крст.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2022 15:13