Застој во вршење на јавниот превоз нема поради ЈСП, туку поради блокадата која има политички одек. Го повикуваме МВР да реагира и согласно законски овластувања да преземе мерки, истакна на денешната прес-конференција генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.

Тој напомена дека уште на самиот почеток на решавање на ова прашање, од страна на Градот беа понудени соодветни решенија.

Во однос на јавниот повик, Глигоров посочи дека станува збор за техничка операција, иста како, и претходниот јавен повик врз основа на којшто беа ангажирани претходните чинители во вршењето на оваа функција.

Тој потенцираше дека има огромен интерес, а особено од оние лица кои и досега биле ангажирани, коишто возеле одредени линии.

Откако ја даде напишаната изјава пред медиумите, Генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров одбегна да одговара на новинарски прашања во врска со блокадите и сообраќајниот хаос во главниот град и ги упати новинарите да испратат прашања на електронската адреса.

Во кратката изјава тој обвини дека блокадите се поради политички и лични интереси на поединци.

На крајот од изјавата рече дека тука сака и да заврши бидејќи имаат обврски кои ги „притискаат“ со оглед дека Градот е блокиран и во извршување на јавните дејности на самата градска администрација.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/12/2022 06:09