Директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, истакна дека тие остануваат на своето барање и очекуваат во која било формат да бидат примени од страна на премиерот Димитар Ковачевски, но вели дека доколку нема решение по средбата со премиерот опциите на граѓански револт и протестите и понатаму остануваат.
– Ние остануваме на нашето барање и очекуваме премиерот во која било форма да не прими каде што ќе ги изнесеме сите докази и факти и граѓаните мора да бидат известени од највисокиот државен орган околу тоа што се случува во јавниот превоз, истакна Јовановски во одговор на прашањето за ставот на превозниците околу повикот на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе има средба со приватните автобуски превозници заедно со претставници од Градот Скопје, но од друга страна од Градот сепак велат дека нема што да се преговара.
Додаде дека ја имаат целата потребна документација и сите докази за, како што кажа, да докажат дека се што било кажано од страна на претставниците на Градот Скопје, се лаги и манипулации за дефокусирање на целата јавност, затоа што според него, во новиот јавен повик не е воведено ништо од модернизацијата за коешто се тврдеше дека ќе се бара од приватните превозници.
Во одговор на прашањето за нивните следни чекори доколку не се појават претставници од Градот Скопје на состанокот кој го најави премиерот за следната недела, Јовановски рече дека ако се дозволи ваквото постапување, тоа мора да се спречи на некој начин.
– Претпоставувам дека ако и понатаму се продолжи и се дозволува вакво непримерно, несоодветно и нехумано однесување од страна на градоначалникот, можеби ќе има поголема граѓанска активност во којашто поголеми групи на граѓани ќе се појават како загрижени од кога ќе ја слушнат вистината и веројатно ќе преземат некакви активности, ќе ни дадат поддршка и ќе се вклучат во она што го бараме, рече тој.