Здружението ЕЗРА, денеска во Скопје го организираше првиот ПИНК БАЗАР под мотото „Да го славиме животот“. Настанот беше организиран како интерактивна платформа која им овозможи на посетителите да добијат едукативни материјали на информативните штандови, можност да научат основни техники како да направат самопреглед на дојките, совети од докторите за симптимите и дијагностиката, но воедно понуди и една поинаква страна за перцепирање на пациентките заболени со рак на дојка.

На настанот во East Gate Mall, се слушнаа силни пораки како „Ракот на дојка не е само падната коса, туку и насмевка на жената која штотуку ја примила хемотерапијата кога ќе го прегрне своето дете“, „Ракот на дојка не е само побледена кожа на болното лице туку и црвениот кармин со кој гордо и се пркоси на болеста“ и „Ракот на дојка не е само страв, туку и надеж. Искрена, длабока надеж дека И ОВА ЌЕ ПОМИНЕ.„

Пред присутните се обратија Ангела Агелер, Амбасадор на САД во Република Северна Македонија, заменикот министер за здравство Владимир Рендевски, Дана Стојкова, од АВОН Македонија и Емануела Додева претседател на ЕЗРА и Лиридона Лимани, извршен директор на ЕЗРА. Настанот го поддржа и д-р Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на Северна Македонија.

-Имајќи предвид дека борбата против ракот на дојката, не завршува на крајот на октомври како Светски месец посветен на борбата со ракот на дојка, ние во ЕЗРА решивме да го организираме овој настан откако „замолкнаа розовите ѕвона“ и да ги потсетиме сите дека пациентите со рак на дојка се соочуваат преку целата година. Сакаме да им помогнеме на жените што живеат со рак на дојка да имаат продуктивен и квалитетен живот, истакна во својот поздравен говор извршната директорка на ЕЗРА, Лиридона Лимани.

Силна поддршка даде и американската амбасадорка Агелер со порака жените никогаш да не се заборават себе си.

-Борбата со ракот на дојка е битка која можеме да ја победиме преку едукација, рано детектирање и глобален пристап до здравствената заштита. Не чекајте симптоми. Одете на редовни прегледи. Тоа си го должите на себе и на вашата заедница, порача Агелер во својот мотивирачки говор.

Една од ретките компании која има специјално дизајнирани производи кои во целост ги донира за ваквите кампањи е компанијата АВОН, генерален спонзор на ЕЗРА.

-Ние сите заедно сме моќна сила која може да направи промени. Заедно, можеме да направиме и повеќе! Посакуваме секоја жена ширум светот да ги знае ризиците, знаците и какви активности треба да се преземат. Затоа нема да застанеме тука, продолжуваме и понатаму со активностите за подигнување на свеста за ракот на дојка„ изјави генералената менаџеркана Стојкова.

Заменикот министерот за здравство Рендевски изјави дека Министерството ја продолжува соработката со сите релевантните фактори во овој процес, како и со пациентските здруженија и максимално ги вложуваат сите свои капацитети со цел да ги решат проблемите со кои се соочуваат пациентите со малигни заболувања.

-Нашата заедничка цел е да ја намалиме стапката на морталитет и да овозможиме секој да има пристап до здравствените услуги, пристап до најновите тераписки опции, како и соодветна грижа во рамки на здравствениот систем. Ние мораме и должни сме да продолжиме со системско решавање на пристапот до нова иновативна терапија и ефективни скрининг програми, основни предуслови со кои реално може да го спасиме животот на многу пациенти, изјави Рендевски

Претседателката на ЕЗРА, Додева ја потенцираше важноста од рана дијагностика и подобрување на скрининг програмите како и обезбедување на континуирана терапија на пациентите на Клиниката за онкологија. Таа додаде дека е потребно мобилизирање на целокупната јавност но и поддршка од Владата и здравствените институции, доколку сакаме да ја промениме моменталната состојба со која се соочуваат пациентите со рак во нашата држава.

-Сведоци сме дека последнава година постојат голем број проблеми во континуираноста со терапиите. Состојбата во нашата земја и покрај сите заложби на граѓанскиот сектор ни укажува дека малигните заболувања мора да станат приоритет на здравствените власти и мора интензивно да се работи на градење на одржлива стратегија, истакна Емануела Додева.

На настанот за најмладите беше креирано детското катче со различни интерактивни игри, цртање, китење на елка со розови лампиони, а најмладите можеа да му ги кажат своите желби на Дедо Мраз облечен во розов костум. На посетителите им беше овозможено да напишат по една мотивирачка порака на специјално дизајнираните нвогодишни честитки на ЕЗРА, кои заедно со елката која се украсуваше ќе бидат однесени на Клиниката за онкологија и поделени на сите пациенти.

Наскоро здружението ќе го промовира првиот Личен Асистен, наменет за новооперираните пациенти од рак на дојка, прв водич за пациенти од ваков вид, а следните месеци, тимот на ЕЗРА ќе доделува специјално дизајнираи пакети на новооперираните пациенти „Од мене за тебе“. Предвидено е одржување на средби во 16 градови во соработка со докторите, младите правници од „Правната Аптека“, психотерапевтите и социјалните работници, кои на пациентите и нивните семејства ќе им овозможат бесплатни советувања и консултации, за полесно да се справуваат во лавиринтите на нашиот социјален и здравствен систем.

Спонзори и поддржувачи кои помогнаа да се реализира „Розовиот базар“ се: Амбасадата на САД во Северна Македонија, повеќе компании и Општина Чаир



Автор: Администратор
Објавено на: 19/12/2022 04:39