Општина Центар заврши со реконструкцијата на „Улица 2“, „Станбена 3“ и „Пешачка улица 102а“, кои заедно ја сочинуваат таканаречената „Адвокатска улица“.
Како што информираат од општината, стариот и дотраен асфалт на коловозот е заменет со нов, висококвалитетен, на вкупна површина од 1270 метри квадратни. Изведени се нови рабници од двете страни на тротоарите, поставен е долен строј на улицата и изведена е нова атмосферска и водоводна канализација.
Покрај „Адвокатската улица“, досега Општина Центар ги реконструираше улиците: „Козара“, „Шарски одреди“, „Новопроектирана 2“, улицата „Дебарца“, „Црвена Вода“, „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“, „Ристо Шишков“, „Петар Поп Арсов“, „Рајко Жинзифов“, крак од улиците „Партизанска“, „Антон Панов“ и „Никола Тримпаре“.
Наредни за реконструкција според програмата за работа на Општина Центар се улиците „Ленинова“ (делот од булевар „Партизански Одреди“ до улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“), „Алберт Ајнштајн“, „Андон Дуков“ и „Донбас“.