Започна предновогодишната забава на улицата „Боемска 1“ во Дебар Маало, информираат од општина Центар.

Оттаму објаснуваат дека станува збор за дводневни настани за децата и возрасните кои ги организираат Општина Центар заедно со општествено одговорните компании.

-Улицата „Боемска 1“, ечи денеска од детските радости, песни и музички настапи, градоначалникот Горан Герасимовски на дечињата им ја честита новата година и им посака многу здравје, среќа и успеси. На бината ги покани и Дедо Мраз и Спајдермен кои им поделија пакетчиња на присутните дечиња, известуваат од општината.

Градоначалникот Герасимовски изразил огромно задоволство што со пријателите и донаторски компании успеале да го организираат овој настан.

-Има пресреќни дечиња, родители, баби и дедовци и навистина од нивните лица се гледа дека ова недостасуваше. Имавме турбулентна и кризна година да ја испратиме со песна, а новата 2023 да ја дочекаме со насмевки, позитивна атмосфера и нови очекувања, изјави Герасимовски.

Од општина Центар соопштуваат дека предновогодишната забава која денеска се одржува на „Боемска 1“ е со детска програма во која учество земаат дечиња од сите градинки во општината, ученици од сите осум основни училишта и деца од хорот и балетската група на Детскиот културен центар Карпош.

-Додека за утре се најавени настапите на Дац и Александар Митевски, Драган Б. Костиќ, Фиц од „Студени нозе“ и Тамбураши. Денеска покрај поделените пакетчиња на присутните деца, пакетчиња беа поделени и во детските градинки во Општина Центар, информираат од локалната самоуправа.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2022 16:54