Еколошка средина, река во близина, мир и спокој.
Ова се причините поради кои некои решиле никогаш да не го напуштат, а други, да изградат викендички во демиркапиското село Чифлик. И едните и другите, за МИА рекоа дека токму овде, е нивниот рај за душата.
Печењето ракија не познава машка и женска работа
Печењето ракија не познава машка и женска работа. Кој е слободен, тој ја вари ракијата. Вака ни рекоа во неколку селски дворови, во кои сопствениците кои поседуваат лозови насади, беа ангажирани околу традиционалното печење ракија. Главно за сопствени потреби, за роднини и пријатели, за дегустирање со мерак, во друштво. Како лек.
Во Чифлик, село на вредни луѓе, покрај мажи, има и жени што прават најубави ракии, а не пијат ракија. Мајстори за ракија, а не пијат ракија. Дури не ни пуштаат ракија, оти за да повлечат од бурето, треба да повлечат од цревото и тогаш сакаш не сакаш, се шмркнува, се пробува од ракијата. Никако не ни беше јасно, како некои жени прават подобра ракија од мажи, ама не ја пијат. Никако не можевме да разбереме како е да печеш ракија, а да не лизнеш барем, да ја пробаш. Та нели треба да се вкуси, де?
Но, има и такви домаќини кои варат и си пијат, крај казанот ги затекнавме со шишенце. Печат пресна и си шмркнуваат од старата ракиичка. Оти таа е поубава, одлежана, што би се рекло. Но, ја пробуваат и новата. Фалбите за тоа чија е најубава, се на масата, по испиени две три чашки. Тогаш се оценува. Кога се дружат роднините, пријателите, комшиите.
– Многу е убав животот тука, сите сакаат да дојдат овде, многумина и викендички направија. Јас од тука не мислам наки да одам. Чист ваздух, тишина. Живееме од земјоделство, одгледуваме главно лозје. Произведуваме домашна ракија. Нашата ракија барем, јас повеќе ја варам. Момчето и синот обично се зафатени со други обврски, па јас главно сум по печењето ракија. Денеска се погоди неработен ден и тие се околу казанот. Сите што ја пробале, велат дека е тоа прекрасна ракија испечена од жена. Да ти кажам каде грешат многу од мажите. Ќе го наакат оѓинот дрва и ќе претече жешка ракијата. Ја на пример постепено сакам, на тихо да си а сварам. Ладна да биде. И зависи колку степени сакаш да си ја извадиш ракијата. Јас на педесет степени обично си ја вадам. Имаме и бела и жта ракија, ни рече 59 годишната Блага Лазова, родена во Демир Капија, омажена во Чифлик, 42 години е жител на селото.
Шеесет и тригодишниот Јордан Лазов е нејзин девер, брат на сопругот. Кажа дека во неговата фамилија мажот ја прави ракијата и милува да дегустира. Печеше ракија и дегустираше со чашка ракиичка. Патлиџанче, солца и ракиичка.
– Си крчка ракиичката. Сопругата е повеќе по стручните работи. А под стручност, се подразбира, мерење на јачината на течноста добиена од грозје. Жената вака или така, секако има улога во производството на ракија, коментираше тој додека ставаше дрва во казанот во дворот.
Ни кажа дека цел живот живее во Чифлик. Порано работел во земјоделско стопанство, сега на 15 јануари ќе оди во пензија.
– Има постојани жители тука, ама намален е бројот, уште ние постарите останавме. Има дваесетина куќи. А има и дваесетина викендички. Убаво е тука, мами природата, реката Дошница. Не само вам, на многумина им се допаѓа куќава изградена во 1964 година од татко ми, од камен сет на рака ископан. Имаме куќа во Демир Капија и таму синот живее, сподели со нас Лазов, додека на раката му ја забележавме тетоважата, испишано ЈНА, спомен од војничките денови.
Пукањето на дрвцата што горат во двата казана во дворот на двајцата браќа, ширејќи магична топлина наоколу, ветуваше дека ќе биде произведена извонредно квалитетна ракија. Уживавме додека фотографиравме наоколу, со желба камерата да го забележи секој интересен момент од нашата посета на Чифлик.
Адет за Бадник
Сестра брата не рани, ама тешко кој ја нема. Откако поразговаравме со браќата Лазови, се запознавме и со нивната сестра која живее во соседството. Поздравувајќи ги домаќините што седеа во дворот, првото нешто што го привлече нашето внимание, беа прекрасните гроздови од сортата „белозимско”. Ги спремаа да ги закачат, за да има со што да се сладат за празниците што следуваат, но и во доцна зима, заедно со најблиските.
– Го бесиме дома во летната кујна, на средна температура, така си стое до кај Божиќ. Ќе дојдат гости, ќе си апнат. За Нова година, Бадник, за Божиќ да има. Зимско грозје. Традиција ни е тоа отсекогаш во семејството и секоја година, обавезно сто кила и кусур си турам. Роден сум 1960 година, баш на Нова година. Тука живеам 40 години. Тука сум населен од село Бесвица, заврза муабет со нас, Дело Тодорчев. А кога неговата сопруга Роска кажа дека е родена во Чифлик, низ целиот подоцнежен разговор го зезавме дека е домазет во селото. Иако не живееле во куќата на неговата избраничка, туку си изградиле своја. Туку, нели велат, од кај ти е жената, од таму си и ти.
Роска, во јануари ќе наполни 62 години. Само една година живеела во Бесвица, целиот живот го минува тука. Иако е се уште млада, за неа во селото се зборува дека е супер бабичка, бидејќи четирите километри до Демир Капија, порано секојдневно ги поминувала со велосипед, а во последно време со мотор. Покрај семејните домашни и земјоделски работи, вработена е во земјоделско стопанство. Ни откри дека преку два дена си меси, во нивната куќа редовно мириса на домашно тазе испечен леб.
– Тие што варат ракија ми се браќа. Сварена ни е и нас ракијата, колку за по дома да имаме, за наши потреби. Двајцата вариме ракија, ама сопругот оти не може, повеќе јас сум по таа работа, рече таа.
Но, Дело не се дава, смеејќи се двајцата со сопругата, додаде дека се знае, оти тој, газдата на куќата, што се вели, прави поубава ракија.
– Јас по мој вкус како сакам така си ја правам, оти она пие само понекогаш, така по некоја капка што би се рекло, коментираше тој.
Седнати во близина на стогодишната липа, можеби и постара, во дворот дегустиравме грозје, лешници, ореви. Бевме воодушевени од големиот број овошни дрвца што ги имаат. Цреша, кајсија, праска, мушмула, мандарина, јапонско јаболко и што ли уште не. Или, што би рекле Тодорчеви, највкусно е тоа што самиот ќе си го произведеш. А споделија со нас и еден адет, што се прави во овој крај, за неродното дрвце, да почне да раѓа плодови.
– Во село Бесвица кога бевме мали, татко ми за време Бадник ќе ја земеше секирата и ќе им се заканеше на дрвцата, ораите. Раѓаш или не раѓаш. Ако не раѓаш, ќе те пресечам. Три пати се изговара заканата . Другата година, ораи колку сакаш. Значи ораите се исплашиле. Ќе раѓаш или да те сечам, ова ќе го слушнете и за други дрвца во овој крај. Некои, по вакви закани родиле и по неколку години неплодност. Ете такво верување се пренесува овде со генерации, раскажуваше Тодорчев.
Како на стари пријатели, тој и неговата сопруга ни открија дека во моментов имаат само една желба, што поскоро да се опорави внукот од ќерка кој имал незгода и апелираа за помош до сите хумани луѓе.
Прошетавме наоколу, извонредна природа, како од уметник насликана. Забележавме дека во селото има, што се вели, од колиби, мали куќички, до хациенди со базени. Има и такви кои дошле и останале постојано да живеат тука. Многу нови викендички. Ги имаат изградено луѓе коишто корените ги влечат, но и од разни други краеви. Од Скопје, Неготино, Кавадарци. Пензионери од Германија. Од странство, наши што си го изработиле своето и сега се враќаат на огништата од своите претци. Гостопримливите мештани беа полни со позитивна енергија. Од нив дознавме дека по течението на реката може човек да си набере тревки од најразлични чаеви. Рипки може да си налови, како мезе со домашна жта, покрај бадемите, лешниците и оревите.
– Многу рипна цената на плацовите, откако почнаа да се прават викендички. Порано, до пред 3-4 години, квадратен метар ниту 5-6 евра не достигнуваше. Можеше и за две евра квадрат место да се најде. Сега, можете да го купите за околу десет евра. Има голем интерес за Чифлик, ни кажаа нашите нови пријатели.
И додека звукот на петли наместо будилник ѕвони во ушите, огинот од казанот шири топлина околу срцето, а капките ракија се слеваат во лонецот како тенок конец, посакуваш да заспиваш и да се будиш во оваа убавина.