Татјана Патиц почина по борбата со ракот на дојка, потврди за „Пипл“ нејзината агентка Корин Николас. Поранешната супермоделка имаше 57 години.

– Таа зад себе ги остави синот, сестрата и родителите. Сите сме уништени. Таа беше сочувствителна, љубезна и дарежлива и жестока поддржувачка на правата на животните. Меѓу главните цели што ги поддржуваше беше зачувување на дивите коњи, изјави Николас.

Таа беше една од петте „оригинални супермодели“, заедно со Наоми Кемпбел, Синди Крафорд, Кристи Тарлингтон и Линда Еванџелиста, кои ја одбележаа модната сцена од 1990-тите, но и целата историја на модата.

– Татјана отсекогаш била европски симбол за „шик“ – како комбинација на Роми Шнајдер и Моника Вити. Таа беше многу помалку видлива од нејзините врсници – помистериозна, повозрасна, понеостварлива… И, тоа имаше своја привлечност, се сеќава Ана Винтур, претставничка на „Конде наст“ и глобална уредничка директорка на „Вог“.

Убавицата родена во Хамбург, Германија, беше најпозната по нејзината работа со „Вог“, како и улогата во спотот за „Freedom” на Џорџ Мајкл од 1990 година, во којшто таа се појави со останатите од „петорката“.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/01/2023 12:17