Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ,заедно со дел од раководството на Министерството за внатрешни работи, денеска ја посети базата на Единицата за брзо распоредување во Полицискиот центар „Ѓорче Петров”, каде што беше промовиран Фитнес парк на отворено.
Станува збор за проект реализиран во соработка со Агенцијата за млади и спорт, во вредност од три милиони денари.
Министерот Спасовски оствари средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и раководителот на капитални инвестиции на Агенцијата за млади и спорт, Гордана Цекова, на која бил информиран за следната фаза од планот на реализација која опфаќа завршување на кошаркарското игралиште што се наоѓа до фитнес зоната, како и поставување тартан патеки во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” и во Касарната „Илинден”.
– Посебно сум горд што сите проекти кои ги договоривме, откако сум на чело на МВР, се целосно завршени, благодарение на заедничкиот напредок на сите во тимот. Кога тимот има идеи и енергија за реализација, резултатите се лесно видливи и прифатени. Соработката која отпочна со Агенцијата за млади и спорт оваа година ќе продолжи и во следните фази и проекти кои ќе влијаат на вкупната физичка подготвеност на полициските службеници кои ги користат. Оваа фитнес зона ќе може да ја користат околу 700 полициски службеници и над 100 припадници на Армијата на Република Македонија, истакна министерот Спасовски.
За време на средбата, Спасовски на Мојсовски во свое име му врачи дрес од македонската ракометна репрезентација, со негов потпис, во знак на заедништво и поддршка за македонските репрезентативци на претстојното Светско ракометно првенство што се одржува во Шведска и Полска.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Мојсовски истакна дека ова е прва инвестиција од Агенцијата за млади и спорт за државни институции, со уверување дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина.
– Со задоволство ја реализиравме оваа фитнес зона со која директно ќе влијаеме на физичката подготвеност на полициските службеници задолжени за безбедноста на секој граѓанин. По ваква успешна прва фаза на соработката оваа година го завршуваме и кошаркарското и повеќенаменско игралиште овде во ПЦ ‘Ѓорче Петров’, со план за изградба на тартан патеки овде и во Касарната „Илинден”. Соработката е веќе отворена, успешна и само ќе ја продлабочуваме, нагласи Мојсовски.
Потребата на Одделот за специјални полициски операции за реконструкција на кошаркарското игралиште и поставување на фитнес опрема во кругот на полицискиот центар „Ѓорче Петров“, посочуваат од МВР, беше преточена во проект, одобрен од страна на Владата во текот на 2021 година. Проектот опфаќа изградба на фитнес зона и реконструкција на кошаркарско игралиште со поставување на осветлување.
Деновиве од страна на Агенцијата за млади и спорт беше заокружено поставувањето на повеќе фитнес справи и елементи за физички активности, а оваа година се очекува и завршување на повеќенаменското игралиште, исто така, реализирано од Агенцијата за млади и спорт.
По средбата, присутните ги посетија Фитнес паркот на отворено и Спомен собата на Единицата за брзо распоредување, при што Мојсовски се потпиша во спомен книгата поставена таму.