Во овој период, односно пред и по празникот Богојавление – Водици, се случуваат многу крштевки оти верниците веруваат дека постои врска меѓу Крштението на нивните деца и Христовото Крштение на реката Јордан, извршено од Јован Крстител.

Но, теолозите велат нешто друго. Тие не го поврзуваат крштевањето затоа што Христос бил крстен, туку затоа што умрел и воскреснал од мртвите. Христос по воскреснувањето им се јавил на неговите ученици–апостоли и им рекол: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“.

Кај нас крштевањето се сфаќа многу формално, нешто што треба да се направи, без притоа, луѓето се да се запрашаат што значи чинот. Кумот, кој го избираат за детето, исто така е формалност, а тој треба да се грижи и да го следи духовниот раст на детето, заедно со родителите.

Теолозите апелират крштевањето да не се сфаќа како некоја традиција, како некој фолклор, да не биде формално, туку православните христијани да знаат зошто се крстени, да водат христијански живот, да бидат активни членови на Христовата Црква, да се грижат за духовниот раст и своето спасение и точно да знаат зошто ги крштеваат своите деца.

Kрштевањето е првата од седумтте свети тајни на Црквата. Без крштевањето не можат да се извршат другите свети тајни – миропомазание, причест, покајание, свештенство, брак, елеосвештенство. Преку крштевањето се станува христијанин, член на Христовата Црква.

Во раното христијанство, крштевањето се вршило само над т.н. зрели верници, кои претходно морале да се пријават како кандидати за обред на крштевање и определен период да постат и да се молат. За некој да биде крстен, тој морал да покаже дека е достоен за тоа. Со крштевањето лицето се чисти гревови, умира за грешениот живот, и се раѓа за нов, духовен и блaгодатен.

Со водата во која трипати се потопува новиот член на Црквата, се чистат гревовите на тој што се крсти. Ако се работи за бебе, кое уште не може да згреши, се чисти прародителскиот грев, кој, според Христијанството, луѓето го носат од Адам и Ева. Како повозрасен, со вода се чистат гревовите стекнати од животот.

Ова потопување означува погребување на стариот и воскреснување на новиот човек, зашто ја претставува смртта и воскресението на Спасителот (Рим. 6, 3-11). Ако не се родите одозгора, нема да можете да влезете во Царството Небесно (сп. Јован 3, 3).

Крштението е насочено кон денот кога човекот ќе умре и ќе зачекори во Царството небесно. Се верува дека оној кој не е крстен не може да влезе во Царството небесно.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2023 09:36