Во недела (22.1.2023), пред платото на МКЦ во Скопје со почеток од 12 часот, најавен е „Музички собир во одбрана на МКЦ: Сите за МКЦ“.

Настанот се организира во знак на протест против смената на досегашниот директор на оваа културна установа Ванчо Богоев, кој 36 години работи во МКЦ. На негово место, Град Скопје пред неколку дена постави нов директор, кој по професија е детектив.

- [Собир за сите ентузијасти и љубители на независната култура, заедно да го изјавиме нашето незадоволство!]

ОВА НЕ Е САМО УШТЕ ЕДНА СВИРКА!

Запрашајте се: дали сте биле во последниве 50 години на свирка, изложба, театарска претстава, поетско читање, промоција на книга, проекција на филм, или на било каков настан во МКЦ? Дали сте си поминале убаво? Ако да, знаете за што се бориме.

БОРБАТА Е...

Борбата е за квалитетни услови на уметничка креација која не спаѓа во ексклузивно популарната сфера, за градските институции да не си играат со уметниците и оние кои го овозможуваат нејзиниот процут, бидејќи инаку ќе згасне младата уметничка експресија.

Се бориме за сите оние фестивали и концерти во МКЦ кои се случиле во последниве 50 години и сите оние кои сакаме да се случуваат во иднината.

Се бориме за сите спомени (остварени и сѐ уште неостварени), за минатото и за иднината.

СРАМОТА Е!

Срамота е да се скрати буџетот на МКЦ за 92%!

Срамота е форсираното политизирање на една од најлегитимните и најработливите културни установи во Македонија.

Срамота е постојаниот обид за угнетување на оние кои уживаат во правење и восприемање на уметност различна од популарната, посебно на младите кои се борат за трошките.

МКЦ Е ЗА СИТЕ!

МКЦ е она што нè држи живи.

МКЦ не го заслужува ова, не заслужува еден ваков ветеран да биде изеден од забот на времето и алчноста.

МКЦ Е ПОВЕЌЕ КУЛТУРА ОД СИТЕ КВАЗИ КУЛТУРИ КОИ СЕ ПОНУДЕНИ НА ГРАЃАНИТЕ.

МКЦ не е само Скопје, МКЦ е Македонија, МКЦ е Европа, МКЦ е млади и стари.

МКЦ е светилник на нашата култура.

На собирот ќе настапат: „S.A.M“, „Cut Your Nipple“, „Lufthansa“, „Дина Јашари“, „Новиот Почеток“, „Shock Troopers“, „Yöu“, „Хајка“, „Dope Kukjata“ и други артисти.

Нема да дозволиме да ни го земете, наше е!!! #СитеЗаМКЦ #SiteZaMKC #НеГоЧепкајтеМКЦ, стои во објавата на социјалната мрежа Фејсбук.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2023 06:55