Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во посета на Каиро.

Египетскиот главен град е првата станица на Блинкен на неговата турнеја на Блискиот исток, која вклучува и посети на Ерусалим и Рамала утре и задутре.

Во Египет државниот секретар ќе се сретне со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и со министерот за надворешни работи Самех Шукри.

Се очекува разговорите да се фокусираат на растечката тензија меѓу Израел и Палестинците. Каиро историски ја играше улогата на посредник меѓу двете страни во израелско-палестинскиот конфликт.

Блинкен, чија посета на Египет беше планирана долго време, е во Каиро во време кога безбедносната ситуација во регионот е нагло влошена. Седум Израелци беа убиени, а двајца ранети во нападите во источен Ерусалим во петокот и вчерашниот ден. Исто така во петокот, израелската армија го бомбардираше Појасот Газа како одговор на ракетите истрелани од палестинската енклава на израелска територија. Во четвртокот деветмина Палестинци беа убиени во операција на израелските сили во градот Џенин на Западниот Брег.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2023 03:11