Дел од приватните превозници најавуваат протест од девет часот пред седиштето на ЈСП во Автокоманда.

Исен Халили од „Макекспрес“ во изјава за МИА вели дека вчера се одржал состанок на лица од двете компании, на кој е одлучено да се протестира. Како што нагласи Халили, целата работа околу решавањето на нивниот проблем се одоговлекува, а тие се без работа и имаат трошоци.

На протестот ќе се бара средба со директорот на ЈСП, а се подготвуваат и барања за прием до Град Скопје и до Владата.

И Милоград Димитриевски, еден од сопствениците на „Макеспрес“ потврди дека таков состанок е одржан.

– Превозници од „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ сами одржале состанок и се договориле од девет часот да одржат протест пред седиштето на ЈСП во Автокоманда. Јас не бев присутен на тој состанок, но ја добив информацијата од колегите кои биле присутни, дека така е договорено. Има информации во јавноста дека 5.000 денари биле исплатени на „Слобода превоз“, по кој основ, не знам. Кај нас немаат префрлено ништо од 2 ноември наваму, вели Димитриевски за МИА.

МИА го контактираше и Ленин Јовановски од „Слобода превоз“, кој кажа дека тој лично не е информиран за протест што ќе се одржи пред седиштето на ЈСП во Автокоманда.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2023 03:11