Конгресот на Перу синоќа го одложи разгледувањето на предлог-законот на претседателката Дина Болуарте за одржување предвремени избори годинава, игнорирајќи ги барањата на демонстрантите чии протести ја потресоа земјата во последните неколку недели.

Како што пренесуваат британските медиуми, Болуарте во средата го претстави нацрт-закон за поместување на предвремените избори за октомври 2023 година, во обид да ги смири протестите кои однесоа животи. Но, постојано поделениот Конгрес не успеа да се договори за сопствениот предлог-закон по неколкунеделни политички расправии.

Собраниската комисија вчера го зеде на разгледување претседателскиот предлог-закон, но го одложи неговото суштинско испитување од процедурални причини пред да се расправа за документот. Така, тој не ќе може повторно да се разгледува пред месец јули, кога почнува новата собраниска седница.

Брзите нови избори беа клучното барање на демонстрантите откако поранешниот левичарски претседател Педро Кастиљо во декември беше соборен од власта и ставен зад решетки поради неговиот незаконски обид да го распушти Конгресот.

Во осумнеделните антивладини протести досега загинаа 48 лица, кои беа убиени во судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили, главно во јужните региони богати со бакар.

Конгресот веќе се согласи да ги преместат редовните избори закажани за 2026 година на 2024 година, но тоа не ги спречи протестите.

Во средата, по неколкудневни разговори зад затворени врати, нацрт-законот за одржување избори оваа година, претставен од десничарската партија Народна моќ, не успеа да постигне консензус.

Партијата „Слободно Перу“ на Кастиљо поднесе посебен предлог-закон за предвремени избори и консултативен референдум за нов Устав, но тој беше отфрлен на синоќешното гласање.

Другите предлог-закони за предвремени избори сè уште се во законодавен процес, но ниту еден не доби консензус.

Демонстрантите низ Перу досега блокираа патиштата со трупци, гуми и големи камења, зазедоа регионални аеродроми, запалија згради и го прекинаа транспортот на стоки, деловните активности и работата на клучните рудници во земјата, во втората по големина земја производител на бакар во светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2023 16:13