За нови две години се продолжени мандатите на тројца специјални претставници на ЕУ: за мировниот процес на Блискиот Исток, за Централна Азија и за човекови права.

Мандатот на специјалниот претставник на ЕУ за блискоисточниот мировен процес, Холанѓанецот Свен Купманс денеска беше продолжен за две години, до 28 февруари 2025 година. На таа функција е именуван на 1 мај 2021 година.

Мандатот на специјалниот претставник на ЕУ за Централна Азија, финската дипломатка, Терхи Хакала, е продолжен за две години, до 28 февруари 2025 година. Таа беше назначена на 1 јули 2021 година.

Ирецот Имон Гилмор ќе биде специјален претставник на ЕУ за човекови права уште една година до 29 февруари 2024 година, а на ова афункција првпат беше назначен на 1 март 2019 година.

Високиот претставник за надворешна политика, Жозеп Борел, ги предлага специјалните претставници на ЕУ, а нивната мисија е да ги промовираат политиките и интересите на ЕУ во одредени региони и земји и да обезбедат активно политичко присуство на ЕУ во тие области.

Во моментов, ЕУ има девет специјални претставници кои ја поддржуваат работата на Борел.

Покрај споменатите тројца специјални претставници, ЕУ има и специјални претставници во Босна и Херцеговина, за дијалогот меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, како и за Сахел, Рогот на Африка и за Јужен Кавказ и Грузија.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2023 14:24