Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше на панел дискусијата „Пристап до третман и до услуги за рано детектирање" по повод одбележувањето на 4 февруари, Светскиот ден на борба против ракот, што се одржа во Europe House, Скопје.

Со панел дискусијата продолжи серијата дебати на теми од здравството, реализирани со поддршка на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска и ЕУ амбасадорот Дејвид Гир во соработка со Клубот на млади лекари.

Обраќајќи се пред присутните на настанот, сопругата на претседателот, Ѓоргиевска истакна дека во борбата против ракот значајна е адекватната промоција на здравите навики во кои спаѓаат правилниот начин на живот, правилната исхрана и физичката активност. Според Ѓоргиевска, исклучително е важна и секундарната превенција при што државата треба да обезбеди да може секој да биде подложен на раните скрининзи.

-Исклучително е важно секоја жена и секој поединец да има достапност до овој ран скрининг затоа што, сите знаеме, превенцијата колку и да чини, сепак е многу помалку отколку да се третира. И не само економски, туку исклучително е важно да се посвети многу внимание на психолошкиот момент кај болните од канцер, истакна сопругата на претседателот, додавајќи дека исклучително е важно и психолошкиот момент да се третира кај овие пациенти и кај нивните семејства затоа што ова претставува болест на целото семејство.

Според Ѓоргиевска, за веќе заболените лица мораме да обезбедиме најсовремена терапија.

-Сите знаеме дека последните месеци имаше проблем во снабдувањето со терапија. Тоа навистина не смее да се случува односно тие пациенти мораат да ја добијат најсовремената терапија. Сега имаме иновативни лекови коишто можат многу да направат, рече Ѓоргиевска.

На настанот, претставниците од здравствените установи и граѓанскиот сектор и пациентите дискутираа за пристапот до третман на заболените од рак, пристапот до услугите за негово рано детектирање и други прашања поврзани со состојбите на оваа болест кај нас кои имаат есенцијална важност.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2023 15:41